Гордана Силјановска Давкова – Пендаровски и Ковачевски се TABULA RASA

Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека неслучајно е во женски род. Многу е мизерно да ве среќава во Собранието и да ви вели дека вие сте најдоброто нешто во Собранието, и потоа да вели дека мене, замислете мене, ме шетал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како тетка, рече Силјановска Давкова мислејќи на Димитар Ковачевски.

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова го покани противкандидатот Стево Пендаровски да се приклучи на серијата дебати кои следуваат во наредниот период и да даде свој придонес.

– Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во Министерството за внатрешни работи и сега човекот на ваков начин зборува за мене. Го запознав на една врвна дебата, организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски, наречена „Дијалог на цивилизациите“, каде што учествуваа врвни интелектуалци од земјата и од светот. Знам дека околу нас кружеше еден човек и се сетив подоцна дека тоа беше Пендаровски, веројатно беше дел од организацијата на настанот. Да не зборувам за оној другион. Мојот професор, Ѓорѓи Марјановиќ, велеше дека никој како кумановците не умеат преку скратеното име да ја изразат личноста. Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека неслучајно е во женски род. Многу е мизерно да ве среќава во Собранието и да ви вели дека вие сте најдоброто нешто во Собранието, па да вели дека за најдобра дебата ја смета онаа со мене за нобеловецот Кругман, за економија, моите тези за опасноста од рефеудализација во светот. И потоа да вели дека мене, замислете мене, ме шетал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како тетка. Така зборува не Заратустра, туку бившиот премиер. Ама, ако се обидете да прочитате нешто за него, како и за првиов, некој труд, некое членство во меѓународна организација, нема да најдете ништо. Tabula rasa – рече Силјановска Давкова вечерва во Скопје.