Богојески: МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА ГЛАСА за прием на Косово во Советот на Европа ако нема согласност од мнозинството Македонци

МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА ГЛАСА за прием на Косово во Совет на Европа, без согласност на мнозинството етнички Македонци, вели Петар Богојески, лидерот на Македонски концепт.

Според Богојески одлуката за гласање треба да ја донесе идниот парламент или да биде изгласана на референдум.

„Кога ќе се извинат за окупацијата на македонски територии во 2001, за злосторства против човештвото врз цивилното население во Македонија… за ослободување на убијци на деца кај Смилково… за шовинистичко поведение и територијални претензии кон соседите… тогаш може да замолат за било каква поддршка! До тогаш јок! “, порача Богојески на социјалните мрежи.

Богојески излезе со остра осуда и најави одговорност по изборите за македонските пратеници во парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) кои се изјасниле позитивно за усвојувањето на нацрт-извештајот со кој се препорачува да се одобри Косово да стане членка на оваа организација. Од листата на гласање може да се види дека меѓу пратениците што дале поддршка за извештајот се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ.

„Вакви измеќари на косовското лоби Македонија немала досега, а нема ни во светот. По завршување на парламентарните избори ќе има одговорност за сторените злоупотреби на службената положба“, најави Богојески.

По денешното усвојување на извештајот, Парламентарното собрание на Советот на Европа сега треба да го испрати предлогот за прием на Косово до Комитетот на министри за надворешни работи, кој треба да ја донесе конечната одлука со двотретинско мнозинство.

Состанокот на Комитетот на министри треба да се одржи на 16 и 17 мај во Стразбур.

За прием на Косово во Советот на Европа гласаа 131 од присутните 171 член на ПС СЕ, 29 беа против, а 11 беа воздржани.