Велигденско послание на г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, и да ги надминеме внатрешните разногласија и поделби

Со свечено послание по повод најголемиот христијански празник Велигден се огласи поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Тој во посланието се осврнува на значењето на самиот празник, но и ги поттикнува верниците да живеат во духот на Христос.

Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан во посланието.

Радоста, којашто извира од тајната на Христовото воскресение и којашто, еве, сите ние, како христијани, ја сведочиме повеќе од две илјади лета, е неизмерна. Но, оваа неискажлива и преславна радост не треба да биде минливо чувство, коешто ќе нѐ обземе само во овие празнични дни, туку, напротив, треба да ни постане начин на живеење и на постоење.

Впрочем, и самото христијанство е вера на радоста! Ако не постои радост, тогаш не постои ни вистинско христијанство; ако немаме радост во нас и помеѓу нас, тогаш не сме ни вистински христијани, ни вистински учесници во Христовото воскресение, ниту, пак, вистински следбеници на Христа.

Според тоа, доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот, се обраќа поглаварот на МПЦ-ОА до верниците