Порака од БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ до СДСМ/ДУИ: МАКЕДОНИЈА Е КОРУМПИРАНА ДРЖАВА

Сметам дека како поранешен Премиер и Претседател на Република Македонија имам право но и обврска да проговорам, барем во кратки црти, за тоа каде според мои согледувања се наоѓаме денес како држава и кои се политиките кои што треба да ги спроведуваме во иднина.

Ќе почнам со едно од прашањата од стратешки интерес за нашата земја, Евро-атлантските интеграции. Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ.

За жал и покрај исполнатите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори 2те врати.

За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ.

Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина.

Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен.

Јас би сакал да ја искористам оваа прилика и да отворам уште една тема околу нашето европско интегрирање. Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“

Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има.

Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива!

И веднаш да појаснам за да не биде погрешно разбрано. Јас алтернатива не гледам ни на исток ни на далекиот исток. Моето прашање е дали во тој случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава и без полноправно членство во ЕУ?

Дали сме способни и волни да ги спроведуваме неопходните реформи во сите области, не затоа што тоа Брисел ни го наметнува, туку затоа што тоа ни е потребно нам, на нашите граѓани, за да живееме подобро, во подемократска, економски поуспешна, во правно посигурна, поправедна држава?

Зарем некој од Брисел треба да ни каже дека законот треба да важи подеднакво за сите, судството да биде независно, медиумите слободни, дека корупцијата е зло кое ако не го совладаме ќе не уништи?

Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци.

Па ако е логично што не попречува така да се однесуваме кон сопствената земја? Има повеќе причини, но заради ограниченото време, јас ќе се задржам само на неколку, според мое мислење, клучни:

1.Македонија е корумпирана држава.

Во корумпирана држава нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема фер пазарна економија каде ќе одлучува квалитетот, а не „подмачкувањето онаму каде што треба“. Во корумпирана држава нема квалитетно образование каде што дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат. Во корумпирана држава нема ниту квалитетно здравство, ниту ефикасна администрација, ниту елементарна доверба во институциите.

И што е најважно, во корумпирана држава нема и не може да има доминантно прифатен систем на морални вредности кој ни е неопходен за да се активира целокупниот општествен потенцијал за да се пробуди надеж, да се искористи расположливото знаење и енергија да исчекориме напред.

2. Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава.

Во Македонија не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање. Политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат не бирајќи средства.

Изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба во која победникот добива се, а поразениот ништо.

Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шансида ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува.

3.Македонија е држава која живее на кредити. А постои една изрека „кој живее на кредит, умира на рати“. Еве неколку податоци:

-Во 2001ва година бруто надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари. Во 2011та година бруто надворешниот долг пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари. Денес, во 2021 година тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари. За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари.

Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не!