Заменик водачот на Хезболах: Подготвени сме за долга војна
Заменик-лидерот на Хезболах, Наим Касем, вети дека ќе продолжи да се бори против Израел и рече дека групата е подготвена за долга војна, откако голем дел од нејзиното највисоко раководство беше убиено, вклучително и лидерот Хасан Насрала.
Во својот прв говор по убиството на Насрала, Наим Касем во денешна телевизиска изјава рече дека борците на Хезболах се подготвени да се борат и да го бранат Либан доколку Израел одлучи да започне копнена офанзива, пренесува АП.
Како заменик генерален секретар, Наим Касем сега дејствува како лидер на Хезболах додека раководството на групата не избере замена за убиениот Насрала.
Во израелските напади во изминатите 10 дена загинаа Насрала и шестмина врвни команданти на Хезболах, а – според израелската војска – беа погодени илјадници цели на милитантната група во Либан.
Касем рече дека и покрај атентатот на неговите највисоки воени команданти во последните месеци, Хезболах сега се потпира на нови команданти.
„Израел не можеше да влијае на нашите (воени) капацитети“. Има заменици команданти и има замени во случај командантот да биде ранет на кое било место“, рече Касем.
Повеќе од 1.000 луѓе се убиени во Либан, од кои речиси една четвртина се жени и деца, според Министерството за здравство, а владата вели дека можеби до еден милион луѓе биле раселени поради борбите, според АП.