Доналд Трамп и Камала Харис имаат 90 отсто шанси да победат на изборите доколку победат во Пенсилванија
Белата куќа се наоѓа на авенијата Пенсилванија во Вашингтон, а вистинскиот пат до резиденцијата на американскиот претседател води токму преку оваа сојузна држава, која е најважна од оние кои се сметаат за пресудни за исходот на ноемвриските избори во САД.
Би-би-си наведува дека, според пресметките на изборниот аналитичар Нејт Силвер, кандидатот кој ќе победи во Пенсилванија има повеќе од 90 отсто шанси да ја освои Белата куќа.
– Тоа е дедо (а не татко) за сите клучни држави – рече поранешниот демократски конгресмен Патрик Марфи, кој ја претставуваше североисточна Пенсилванија од 2007 до 2011 година на Капитол Хил.
Таа е петта најнаселена држава во САД и на изборите носи дури 19 електорски гласови, што може да биде пресудно како за републиканскиот кандидат Доналд Трамп, поранешен шеф на државата, така и за демократската кандидатка Камала Харис, Американскиот потпретседател.
Ако демократите победат во Пенсилванија, Висконсин и Мичиген, како и во една конгресна област во Небраска, Камала ќе стане претседател.
Доколку републиканците триумфираат во Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија, Трамп ќе се врати во Белата куќа во јануари 2025 година.
Британскиот медиумски сервис наведува дека, доколку Трамп остане без победа во Пенсилванија, ќе мора да триумфира во најмалку три сојузни држави каде што загуби во 2020 година од се уште актуелниот демократски претседател Џо Бајден.
Се вели дека Пенсилванија е микрокосмос на самата Америка, и демографски, економски и политички.
Поголемиот дел од нејзиното население е бело, но Пенсилванија има растечка имигрантска заедница.
Демократите имаат големо упориште во двете најголеми урбани области – Филаделфија и Питсбург, додека руралната територија меѓу нив е поволна за републиканците.
Пред четири години, Бајден освои само околу 80.000 гласови повеќе од Трамп во Пенсилванија, додека вториот ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон на изборите во 2016 година со половина разлика.
Само еднаш во последните 40 години се случи таму претседателски кандидат да триумфира со двоцифрена процентуална разлика, а тоа беше случај во 2008 година, при убедливата победа на демократот Барак Обама.
Последните анкети на Еј-Би-Си Њуз покажуваат дека Трамп и Харис се речиси изедначени за поддршката меѓу гласачите таму, а американскиот потпретседател води со помалку од еден процентен поен.
Поради ова, тие двајца вложија и вложуваат огромни суми пари во предизборната кампања во Пенсилванија, па Камала таму досега потрошила 99 милиони долари, а Трамп десет милиони помалку.
Тоа е најмалку двојно повеќе од нивните трошоци за реклами во другите држави кои се сметаат за клучни на изборите следниот месец, освен во Мичиген во случајот на Харис, каде што таа потрошила 74 милиони долари.
![]()

