РОДИТЕЛИ ВНИМАВАЈТЕ, опасна игра од Тик Ток се шири во Македонија – уште две деца се повредени играјќи „Супермен челинџ“

МВР информира дека во скопската полиција вчера во 13 часот татко пријавил дека неговото дете било повредено додека си играло со неговите врсници.

Според МВР, маж со иницијали Ф.Д.(32) од село Пакошево, општина Зелениково, пријавил дека на 03.12.2024 околу 12.30 часот, по завршување на часовите, во близина на основното училиште во с.Зелениково, скопско, во кое учел, неговиот осумгодишен син се здобил со тешка телесна повреда при игра со соучениците.

Момчето било однесено во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје, а полицијата работи на расветлување на случајот.

Претходно, е евидентиран сличен случај, исто така во скопско училиште и според првичните сознанија наводно двете момчиња се повредиле додека изведувале скок, како дел од популарната, но и многу опасна игра „Супермен челинџ“.

Канал 5 попладнево јави дека за неполни четири дена најмалку 11 средношколци завршиле со повреди и скршеници по телото.

Како што пишува порталот Курир.мк, предизвикот се состои во тоа што група деца се снимаат како скокаат напред имитирајќи го Супермен, врз испружените раце на нивни врсници, кои потоа треба да се одбијат од рацете и да застанат на подот исправени на нозе.

За опасностите на оваа игра предупредувања стасуваат од многу родители во земјите од регионот. Тие бараат да се забранат на социјалните мрежи ваквите опасни игри.

Според медиумите во Романија во еден ден повеќе од 20 деца завршиле во болница, а две биле итно оперирани.

Во Албанија, пак и државните органи се вклучиле со свои предупредувања – Управата за аудиовизуелни медиуми апелирала до родителите  колку може да биде опасен овој предизвик.

Loading