Настан кој ќе се раскажува 100 години… Перфекција… Емоција… Спектакл… Поклон до земја… дел од коментарите упатени на сметка на синоќешниот сценско-музички спектакл во Филхармонија. Проектот „Македонијо во срце те носиме“ вчера успешно ја заокружи повеќе од двегодишната приказна која се раскажа во речиси сите македонски градови, а на завршниот концерт присуствуваше речиси целиот државен врв, од претседателката Гордана Сиљановка-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, до бројни министри и претставници на политичкот и културниот живот. Низ музичко-драмскиот перформанс публиката, пак, ја водеше актерот Дејан Лилиќ.
Публиката уживаше во веќе добро познатите 12 нумери, но и три нови преработки специјално спакувани за синоќешниот концерт – „Молитва“ на Миле Барбаровски ја отпеа Бојана Скендеровски, „Како пиреј“ Ламбе Алабаковски, а „Има една земја сонце што ја грее“ Сузана Спасовска и Александар Тарабунов. За преработките, но и оркестрациите на сите 15 нумери беше задолжен маестро Николче Мицевски, додека симфонискиот оркестар музицираше под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Македонијо во срце те носиме“ е доказ дека кога нешто е добро спакувано, песните внимателно избрани тогаш успехот не може да изостане, а публиката не може да не ја препознае енергијата и љубовта вложена во проектот.
И за крај, Македонија сношти уште еднаш беше обоена во најубавите бои и звуци, а аманетот оставен од генерациите пред нас уште еднаш потврден.
![]()

