Ахмети со два три збора му врти грб на Груби: ДУИ вети дека ќе ја почитува одлуката на САД

ДУИ денеска во кусо соопштение информира дека ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД.

„Демократската унија за интеграција ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД. Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, стои во кусото соопштение на ДУИ.

Како што е познато, Стејт департментот синоќа објави дека се воведуваат санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата  Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

И од Алијансата за Албанците ја поздравија последната одлука на САД. Зијадин Села, лидерот на едното од крилата на Алијансата за Албанците, кој е во коалиција со ДУИ, ја поздрави одлуката на Стејт департментот за ставање на Груби и Беџети на црната листа на САД, ги повика да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот, и да се соочат со обвиненијата.

– Алијансата за Албанците во континуитет е еден од политичките актери кои јавно ги осудуваа врските на судството со политиката и олигархијата, затоа и денеска ја поздравуваме одлуката на САД, најважниот стратешки партнер на РСМ и албанскиот народ. Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани, наведува Села во објавата на Фејсбук.

Loading