Бугарија ја истакна својата поддршка за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија, но со јасно почитување на веќе утврдените услови за членство, изјави бугарскиот премиер Димитар Главчев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
– Посебно, кога станува збор за Македонија, тука е компромисот од 2022 година. Тој е веќе европски документ, ратификуван од сите земји-членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, како и Македонија. Нашата позиција е непроменета – нема простор за нови преговори – потенцираше Главчев, нагласувајќи дека ова прашање е затворено.
На прашањето за можната средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на неговата посета на Софија, Главчев посочи дека таква средба не е предвидена, бидејќи посетата е организирана на покана од бугарскиот претседател Румен Радев.
Главчев истакна дека проширувањето на ЕУ останува приоритет за сите земји-членки, сметајќи го како стратешки чекор за зацврстување на мирот, стабилноста и развојот во регионот.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во својата изјава по пристигнувањето на самитот, ја нагласи важноста на овој собир за иднината на европската интеграција.
– Прво, затоа што делиме исти европски вредности, заедничка историја и припадност на истиот континент. Второ, проширувањето е геополитичка инвестиција во мирот и безбедноста. Трето, интеграцијата на Западниот Балкан носи конкретни придобивки за граѓаните, како што се безвизен режим, поедноставени плаќања и Планот за раст кој може длабоко да го трансформира регионот – истакна Кошта.
Кошта додаде дека Самитот е клучна можност да се поттикне процесот на европско проширување, со јасна визија за заедничка иднина во рамките на европското семејство.
![]()

