СДСМ ОБЈАВИ НЕПОЗНАТИ ДЕТАЛИ ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУБИ

СДСМ  информираа дека денеска ќе објави сериозни индиции за вмешаност на МВР и Тошковски во бегството на Филипче и нови „случајности“ кои ќе отворат сомнеж.

„Министре, батериите ли се криви за бегството на Груби? Дали министерот за внатрешни работи Тошковкси конечно ќе преземе одговорност за катастрофалното функционирање на МВР и бегството на Груби?“, велат од СДСМ.

„Последните информации за бегството на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, каде што „батериите“ на камерите не работеле токму кога тој ја напуштал границата предизвика потсмев од граѓаните. До кога министерот ќе ја замајува јавноста и кога планира да признае дека ова е договорено бегство?

Како што објави Министерството за внатрешни работи, полициските службеници од граничниот премин „Блаце“ не ги почитувале процедурите, иако за Груби постоело јасно известување „задржи и веднаш извести“. Наместо тоа, тие не го провериле системот, дозволиле возилото да помине без соодветна контрола и не ги регистрирале патниците како што налага законот. Притоа, во критичниот момент камерите „случајно“ не функционирале.

СДСМ ќе продолжи да инсистира на транспарентност, одговорност и функционални институции кои ќе работат исклучиво во интерес на граѓаните“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска порача дека полицијата не си ја завршила работата со бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби од земјава. Според неа, на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не треба да се гледа како на „херој, туку неспособен министер“.

Кузеска на прес-конференција откри дека не станува збор за пропуст на полицијата, туку, како што вели, координација за пуштање на Груби. Вели дека е скандал од епски размери.

-Првата вистина за која молчи Тошковски е дека целосно потфрлила контролата на Блаце, поставена кај кружниот тек, три дена пред бегството. Зошто Тошковски молчи дека тие полицајци немале насока и не знаеле кого треба да чекаат и провераат? Дали намерно се оставени без никаква насока, рече портпаролката на СДСМ.

За двајцата полицајци на ГП „Блаце“ кои го пропуштиле Груби, Кузеска рече дека еден од нив, лицето Б.Ј. е службеник поставен на позицијата откако Тошковски станува министер.

-По налог на Тошковски, Б.Ј. е прераспределен на контрола на граничен премин, иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контролата на граничните премини. Ова значи дека човекот кој што го пропуштил Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски дали е вистина од овие причини, за да може да врши вакви дејствија, Б.Ј. е поставен на оваа позиција, праша Кузеска.

Според неа, полицаецот земал боледување, истиот ден кога го пропуштил екс-вицепремиерот.

-Со тоа не може да биде суспендиран, се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити или чека да се забошоти целата ситуација? Зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците, туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична, истакна портпаролката на СДСМ.

Loading