Роман Абрамович, рускиот милијардер и поранешен сопственик на лондонскиот фудбалски клуб „Челси“, наводно избегнал да плати даноци користејќи шема за измама со изнајмување луксузни јахти. Истрагите покажаа дека неговите суперјахти формално биле достапни за изнајмување преку мрежа на офшор-компании, а во реалноста биле користени исклучиво за лични потреби, јавува Би-би-си.
Шемата функционира така што јахтите беа регистрирани на правни лица во даночните оази, што му овозможи на Абрамович да избегне плаќање данок на луксуз. Според достапните информации, овој систем му овозможил да избегне плаќање даночни обврски од милиони евра, што го привлече вниманието на регулаторните тела и даночните власти во светот.
Во моментот италијанските обвинители отворија постапка против Абрамович.
На пример, Eclipse, една од најголемите приватни јахти во светот, е регистрирана во земја со поволни даночни закони. Офшор-компаниите, кои формално управуваа со јахтите, ги претставија како комерцијални имоти достапни за изнајмување, што законски го оправда избегнувањето плаќање данок на луксузен имот.
Абрамович е под санкции поради неговите врски со Кремљ, а оттогаш неговите деловни аквизиции се намалуваат. Тој целосно се повлече од светот на фудбалот.
Минатата година купи недвижен имот во Истанбул, па дури се зборуваше дека сака да вложи пари во екипа од Турција, но тоа на крајот не се случи.
„Атлетик“ пишува дека Абрамович живее меѓу Сочи, Истанбул и Тел Авив и дека понекогаш патува во Дубаи, но повеќе не доаѓа во Англија.
![]()

