Унгарскиот премиер Виктор Орбан го обвини раководството на Европската унија за уништување на Европа, особено го критикуваше доделувањето пари за Украина и за преплавувањето на Европа со мигранти.
„Бриселските бирократи ја уништија Европа. Поради Брисел, европската економија полека тоне. Поради Брисел нашите пари се испраќаат во Украина за безизлезна војна. Поради Брисел Европа е преплавена со мигранти”, објави Орбан на социјалната мрежа Х.
Според него, девет милиони мигранти пристигнале во Европа во последните девет години. Унгарскиот премиер потсети на американскиот финансиер милијардер Џорџ Сорос, кој, според Орбан, најавил „дека секоја година мора да се пропуштаат милион мигранти во Европа“.
„Инвазијата на мигрантите во Европа, размената на населението – ова не е теорија на заговор, туку самата практика. Време е да се бараат нови теории на заговор, бидејќи сите стари се остварија“, додаде Орбан.
Орбан претходно во Мадрид, на собирот на третата по големина политичка групација во Европскиот парламент, Патриоти за Европа, изјави дека „торнадото на Трамп“ го промени светот, правејќи го десното крило сега општо прифатено.
„Торнадото Трамп го промени светот: сега сме „мејнстрим“. Вчера за некои бевме минато, лудило, сега сме иднината. Имаме многумина, силни и големи. Тимот е многу обединет“, рече тој.
Орбан истакна дека Унгарија сега е „лабораторија на конзервативна политика“ и дека неговата влада веќе 15 години се бори со илегалната миграција со цел да им пружи помош на унгарските семејства, пренесува порталот Хирадо.
„Резултатот е дека нема илегални мигранти. Наместо мигранти, ние ги поддржуваме унгарските семејства. „Ја забрануваме (транс)родовата пропаганда во училиштата: сите државни органи имаат должност да ја бранат христијанската култура, во Уставот вклучивме мајката е жена, таткото е маж“, рече тој.
Првиот самит „Патриоти за Европа“ се одржува во Мадрид под слоганот „Направи ја Европа повторно голема“ – МЕГА, по моделот на слоганот МАГА (Make America Great Again) на американскиот претседател Доналд Трамп.
На самитот присуствуваат лидерите на единаесет партии, меѓу кои Марин Ле Пен од Националниот митинг на Франција, Матео Салвини од италијанската партија Лига и Герт Вилдерс, претседател на холандската Партија на слободата.
„Патриоти за Европа“ во моментов е третата најголема политичка групација во Европскиот парламент, со 86 од вкупно 720 европратеници.
![]()

