Македонскиот бијатлонец Петар Гиноски учествуваше заедно со 64 противници и оствари солиден резултат, односно заврши на 46. место на зимскиот младински фестивал во Бакуриани, Грузија, а следниот настап в петок ќе го има во 10 часот по грузиско време, па ќе се обиде да го даде својот максимум и да оствари подобар резултат.
Гиноски во првиот круг испука „пет од пет“, во вториот стрелаше „четири од пет“, а во третиот круг погоди „четири од пет“, но во последниот круг беше пресуден за да заврши на 46. позиција.
Според првичните податоци, на овој спортски младински настан ќе настапат околу 900 натпреварувачи во осум спорта, алпско скијање, биатлон, нордиско скијање, уметничко лизгање, слободно скијање, хокеј на мраз, брзо лизгање на кратки патеки и сноуборд.
– Биатлон почнав да тренирам на 12 години. Го сакам спортот, го сакам биатлонот и тој за мене е најдобриот зимски олимписки спорт. Во Бакуриани ќе дадам сѐ од себе и се надевам на добар резултат. Понатаму ќе се стремам кон уште повеќе добри резултати, кои можам да ги постигнам со напорна работа и желба – вели Гиноски, пренесе Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Гиноски е предводен од искусниот македонски долгогодишен тренер и селектор на македонските биатлонци и спортскиот директор на Биатлон-федерацијата на Македонија (БФМ), Ѓоко Динески.
![]()

