По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК) попладнево уапсен е градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
– По изминатиот период на истрага за четири кривични дела, агенти на Националното Биро за истраги, влегле во просториите на Oпштината, извршувајќи го налогот против него. Извори блиски до СПАК потврдуваат дека специјалните обвинители побарале од Специјалниот суд против корупција и организиран криминал (ЃККО) безбедносна мерка „затворски притвор“ не само за Велиај, туку и за уште еден висок функционер, додека домашен притвор за сопругата на Велиај, Ајола Ѕоѕа, објавија албанските медиуми.
Велиај (46), кој на чело на Тирана трет мандат, се товари за „пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници; активна корупција на високи државни функционери или локални избраници, перење пари од криминал или криминална активност и одбивање на пријавување, непријавување, прикривање или лажно пријавување имот, приватни интереси на избрани лица и јавни функционери или на кое било друго лице кое има законска обврска да се изјасни“.
До сега нема официјално соопштение за „денешниот земјотрес во Тирана“, како што медиумите го нарекуваат апсењето на Велиај.
Во меѓувреме Еди Рама, премиер и лидер на Социјалистите, чиј член е Велиај, ги откажал сите активности и итно се вратил од северниот град Скадар, каде беше во посета.
По апсењето на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, опозицијата побара оставка од премиерот Еди Рама, кого го нарекува „шеф на пирамидата на криминалот”.
Според лидерот на демократите Сали Бериша „пирамидата на криминалот се урива благодарение на опозицијата и народот”.
– Се потврдува дека се работи за криминална организација. Несомнено тоа што се случи е заслуга на граѓаните и на опозицијата. Еди Рама треба веднаш да поднесе оставка, поради тоа што е марионета на Сорос во Албанија и е шеф на криминалот во Албанија, изјави Бериша.
Другите опозициски партии, освен барањето за итна оставка на Рама, меѓу другото потсетуваат дека со 46 протести пред општина Тирана барале апсење на Велиај.
Според нив денеска го уапсиле Велиај „за да ја засенат веста дека групата на (Доналд) Трамп што ја водеше неговата претседателска кампања, ќе ја води кампањата на опозицијата за парламентарните избори на 11 мај”.
Во реакцијата на социјалните мрежи, поранешниот лидер на демократите, Љуљзим Баша ја поздрави работата на СПАК за „ударот врз општина Тирана”, која ја нарече „машина за перење пари“.
„Под водство на Ерион Велиај и со поддршка на Еди Рама, Општина Тирана се претвори во жариште на корупција и перална на валкани пари, во служба на мал број луѓе, а не на граѓаните. Крајот на неказнивоста е крај на транзицијата во Албанија, пишува Баша, повикувајќи го Рама под итно да даде оставка.
Пред почетокот на пленарната седница пратениците и министрите на Социјалистичката партија не сакаа пред новинарите да го коментираат случајот.
-Жално е од човечки аспект, но правдата треба да ги истражи обвинувањата, рече Блерина Ѓуламети.
-Правдата нека зборува, кусо одговори Насип Начо.
Како што објавија медиумите, Рама, кој поради овој настан, ја прекина посетата на северниот град Скадар и се врати во Тирана, за вечерва свикал на состанок партиското раководство.
![]()

