Филков: Одлуката да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку и морална

Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител ,Љупчо Коцевски вели дека негова оставка би била логичен и неопходен чекор за зачувување на интегритетот на правосудниот систем доколку е нарушена довербата или ако има доволно аргументирани причини за неговата одговорност.

-Овие резови, реформи и трансформации нема да бидат лесни и секогаш ќе има страна која ќе критикува. Кај широката јавност пак, се чувствува нетрпение, сите сакаат уште побрзо ефикасни решенија кои ќе го унапредат системот, на кој ќе му веруваме сите ние како граѓани. Но ќе треба трпение, знам дека нема назад, одиме само кон вистинскиот пат, кој најчесто е најтежок и најдолг за жал, вели Филков во интервју за МКД.мк.

Вели дека во однос на државниот јавен обвинител, неговата одговорност е клучна за правилното функционирање на правосудниот систем и довербата на граѓаните во институциите.

-Секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка, но важно е да се напомене дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган, ако тоа значи дека се поддржуваат лица кои не го исполнуваат својот мандат на соодветен и професионален начин. Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Северна Македонија, посочи Филков.

Loading