НОСАТ ЗАКОНИ И НЕ ГИ ФЕРМААТ Казнети се на ситно функционери и пратеници од ДУИ и Левица

Антикорупциската комисија достави информации за имињата на 86 поранешни и актуелни носители на јавни функции, кои се казнети со глоба за прекршување на одредбите од законот.

Меѓу нив се пратеникот Борислав Крмов од Левица, ексвицепремиерот Артан Груби, кој е во бегство, поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, Изет Меџити, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство.

„Изет Меџити, по изборот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднел изјава за имотната состојба и интересите до ДКСК, член 82 став 1 од ЗСКСИ, казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра.

Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство, во својство на одговорно лице во надлежна институција, не ги презел сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето во согласност со член 23 став 3 од ЗСКСИ, казниво со 200 евра.

Артан Груби додека ја извршуваше функцијата прв заменик-министер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, во својство на одговорно лице во надлежна институција не ги презел сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето во согласност со член 23 став 3 од ЗСКСИ, казниво со 200 евра.

Талат Џафери, експретседател на владата на РСМ и истовремено и пратеник во Собранието на РСМ, е одговорен по член 44 став 2 од ЗСКСИ, казнив со 300 евра.

Арбер Адеми, по престанокот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднел изјава за имотната состојба и интересите до ДКСК, член 82 став 3 од ЗСКСИ, а казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра.

Јована Мојсовска, по изборот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднела изјава за имотната состојба и интересите по член 82 став 1 од ЗСКСИ, казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра.

Борислав Крмов, по престанокот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднел изјава за имотната состојба и интересите до ДКСК по член 82 став 3 од ЗСКСИ, а казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра“, посочуваат од ДКСК.

Државната комисија за спречување на корупција во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите што се изречени за сторените прекршоци.

„Преку објавувањето на овие информации ДКСК има цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интересите во Република Северна Македонија“, велат од ДКСК.

ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата.

Loading