Кобната ноќ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога животот го загубија 59 лица, над 150 се повредени, ја зави Македонија во црно, а го потресе и целиот регион. Иако истрагата сè уште трае, достапните снимки покажуваат дека пожарот бил предизвикан од пиротехничките прскалки што биле користени за време на настапот на групата „ДНК“, кога ја пееле нивната последна песна. Последна за вечерта, за голем дел од бендот и последна песна во животот. Огнот се проширил неверојатно брзо, предизвикувајќи ја катастрофата од невидени размери.
Но, ова не е првпат во пеколниот клуб да се користат пиротехнички ефекти, судејќи според Инстаграм „историјата“ на страницата на „Пулс“.

Четири месеци пред трагедијата, во ноември 2024 година, на сцената на „Пулс“ се изведувало шоу со огнени реквизити. Според фотографиите објавени на инстаграм-профилот на клубот, танчерки настапувале со вистински пламен, создавајќи спектакуларен, но преопасен амбиент.

И пред неколку години, според достапни видеа, во дискотеката биле користени сценски ефекти со отворен оган. Овој начин на збогатување на атмосферата бил присутен и порано во оваа дискотека, но овојпат исходот беше трагичен.
![]()

