Кочани денес е град завиен во тага по ноќта меѓу сабота и недела, кога во стравичниот пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 млади лица, а 196 беа повредени. Оваа трагедија никогаш нема да биде заборавена. Во пожарот животите ги загубија и деца, а најмладата жртва имаше само 14 години.
Се поставува прашањето – кој им дозволил на малолетници, на кои инаку не им е дозволен влез, да бидат во ноќен клуб каде што се служи алкохол?
Српски „Блиц“ стапи во контакт со поранешниот шеф на обезбедувањето Благојчо Ѓоргиев, кој одговори на ова и на многу други прашања.
Ѓоргиев објаснува дека тој и неговиот тим биле задолжени за безбедноста во „дискотеката на смртта“ во Кочани, каде отсекогаш постоел проблем со присуство на малолетници.
– Влегував во расправии со сопственикот затоа што неговиот син носеше малолетници. Неговиот син тогаш немаше ни 18 години – вели Благојчо за српските новинари.
Ѓоргиев истакнува дека поради ова поднесувал пријави до полицијата, но наместо реакција, добивал чудни одговори.
– Два дена по пријавата, еден инспектор ме сретна на улица и ми рече: „Како не ти е срам да пријавуваш дека таму влегуваат малолетници, а таму го заработуваш лебот?“ – вели Благојчо за српски Блиц.
Раскажува и дека во пожарот го загубил братот, кој се обидувал да ги спасува младите што биле внатре.
– Успеа да изнесе една група надвор, но кога влезе повторно за да помогне, за жал, остана внатре – со тага вели тој.
Покрај братот, во пожарот загинала и неговата внука, која била во дискотеката заедно со сопругот.
– Пред една година добија ќеркичка. Изгубив и дете од соседството, младо дете. Сите што загинаа беа млади. Обезбедувањето цела ноќ се бореше да спаси што повеќе луѓе. Според мене, тие не се виновни. Виновен е системот, виновна е полицијата – тврди Ѓоргиев.
Истрага утврди дека задните врати на кобната ноќ биле заклучени со катанец, а според Ѓоргиев, тие никогаш не биле во функција.
– Никогаш не биле отворени, служеа само како параван за да се добие дозвола за работа, бидејќи беше потребно да постојат два влеза – вели тој за „Блиц“.
Ѓоргиев зборува и дека влезници се продавале и внатре, но истовремено прашува – како можеа да ги продаваат ако фирмата беше блокирана?!
-Официјално, дискотеката е регистрирана во 2012 година, но работеше и пред тоа, што значи дека сопственикот манипулирал со работењето. Тој формално не фигурира како сопственик на ниту една фирма – вели Ѓоргиев.
Понатаму, Ѓоргиев раскажува дека системот во Македонија е корумпиран и убива луѓе.
– Секој што има пари може да купи било каква лиценца, а за жал, гледаме до какви трагедии тоа доведува – вели тој и бара проверка на повиците на сопственикот на дискотеката, Дејан, за да се утврди со кого контактирал во ноќта на пожарот.
На крајот, тој со тага истакнува дека утрешниот ден ќе биде најтрагичен – погребот на повеќе од 50 млади луѓе, пишува српски Блиц.
![]()

