Пет пациенти во критична состојба, истрагата продолжува со нови претреси и распити

Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, како што соопшти министерот за здравство Арбен Таравари, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.

– За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период, изјави Таравари. Неделава се очекува осум до десет пациенти да се вратат во земјава, а неколку западноевропски држави понудиле подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти.

Од болниците во Скопје на домашно лекување вчера се пуштени 12 пациенти и остануваат на Клиниката за пластична хирургија, на Клиниката за токсикологија, како и во Градската болница „Св. Наум Охридски“.

Како што беше најавено, тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за пациентите кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.

Првиот од пациентите кои се лекуваат во странство кој се врати вчера во државава е на опсервација на Клиниката за токсиколгија, чии тимови го одобруваат и испишувањето на повредените лица кои беа хоспитализирани во домашните болници.

Директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев вчера изјави дека пациент кој беше на лекување во Белград е во сосема подобрена општа клиничка состојба.

Истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжи со нови претреси за обезбедување докази и распити на лица, а дејствија ќе преземе и Управата за финансиска полиција. Во државава вчера се врати првиот од 115-те пациенти повредени во пожарот кои се лекуваат во странство. Според последните информации, во критична состојба се пет од пациентите во странство. Од болниците во Скопје, вчера беа испишани уште 12 пациенти. Институциите пак ги почнаа дел од законските измени за подобрување на постапките за издавање документација и подобрување на безбедносните стандарди во угостителските но и јавните објекти.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека истражните тимови при претреси на пет локации во Кочани и во Скопје одзеле дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Обвинителството најави дека ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.

Во рамки на увидот што бил направен во Кочани, службените лица вчера прибирале доказни материјали поврзани со пожар во дискотеката „Пулс“, а сличен претрес е направен и во Виница, од каде се поранешниот и актуелниот раководител во Одделението за инспекциски надзор во Штип, кое е надлежно за градовите во Источниот регион. Активности за контрола на работата на угостителските и други објекти во Кочани преземаат и општинските инспекциски служби, главно во Трговскиот центар каде што се наоѓа другиот угостителски објект на сопственикот на дискотеката „Пулс“.

Loading