Повеќе од 1.000 мртви по земјотресот во Мјанмар

Воената влада на Мјанмар во саботата објави дека во земјотресот загинале 1.002 лица, а 2.376 се повредени. Водачот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг нареди итна операција за спасување во погодените области. Вонредна состојба е прогласена во многу делови на земјата, вклучително и главниот град Најпидау, Мандалеј, како и шест региони и сојузни држави, објави државната телевизија МРТВ.

Од воениот удар во 2021 година, Мјанмар, поранешна Бурма, е зафатен од насилство и хаос. Различни бунтовнички групи водат делумно успешни битки против армијата. Поради ова, од многу делови на земјата доаѓаат само малку или никакви информации за размерите на штетите и за бројот на жртвите.

Опасност од пукање на брани
Во некои делови на Мјанмар, разорните ефекти од земјотресот станале брзо видливи. Се урнала џамија во Мандалеј, при што загинале десет лица, според извештајот на државната новинска агенција Кит Тит Медиа. Во градот Таунг најмалку пет лица ги загубиле животите кога се урнал манастирот во кој биле сместени раселени лица. Исто така, во хотел во Аунг Бан, во близина на епицентарот, многу луѓе се заробени под урнатините.

Покрај оштетените патишта и урнати згради, постои и опасност браните вдолж реката Иравади да бидат оштетени и да попуштат, предупреди Црвениот крст на Мјанмар. Реката Иравади претставува клучна животна артерија на земјата.

Погодени се и соседните земји, се урна висококатница во Банкок
Земјотресот се случи во петокот во раните попладневни часови по локално време. Епицентарот на земјотресот бил во близина на вториот по големина град во Мјанмар, Мандалај.

Според германскиот центар за геонауки Хелмхолц и американската служба за следење земјотреси (УСГС), земјотресот бил со јачина од 7,7 степени. Дванаесет минути подоцна следел втор земјотрес со јачина од 6,4 степени. Фокусот на земјотресот бил на длабочина од само десет километри.

Loading