Од тениска ѕвезда до борба за опстанок: Две години затвор – „ова е голема неправда“

Аранча Санчез Викарио, некогаш најдобрата светска тенисерка и гордост на Шпанија, денес се соочува со сосема поинаква реалност. И покрај блескавата кариера и освоени 17 милиони долари, по повлекувањето од спортот се најде во финансиска и лична криза, предизвикана од довербата во погрешен човек.

Тениската легенда се најде пред суд поради обвинение дека, заедно со поранешниот сопруг Жозеп Сантацана и уште петмина соучесници, криела имот со цел да избегне отплата на долг од 7,5 милиони евра кон банка во Луксембург. Обвинителството тврди дека Аранча постапувала по инструкции на сопругот, кој ја убедувал дека сè е решено и дека нема потреба да се грижи.

Поради тоа, ѝ се заканувала затворска казна од четири години. Сепак, на 12 септември 2023 година, судот ѝ изрече условна казна од две години затвор и парична казна од 8.640 евра. За време на изрекувањето на пресудата, Аранча се расплакала во судницата.

принтскрин јутјуб

„Половина од сè што сум заработила оди на отплата на долгот. Сама ги издржувам децата, а ми помагаат пријатели. Сето ова е огромна неправда“, изјави Аранча во емотивно интервју за „El Pais“.

Таа откри и дека била изневерена од човекот кому најмногу му верувала – својот сопруг. Се развела во 2019 година и сега се грижи за своите две деца – ќерката Аранча и синот Лео, кои наместо тенис, тренираат фудбал.

„Не сум мајка на тенисери, туку на фудбалери. Секоја сабота и недела сум нивни најголем навивач“, раскажува поранешната тениска шампионка.

„Мојата грешка, како што веќе реков, беше што се заљубив. Му верував на човекот покрај мене – на мојот сопруг – а тој ме изневери“, додаде славната тенисерка на која ова ѝ беше втор развод.

Loading