Популарните кинески онлајн продавници Тему (Temu) и Шејн (Shein) објавија дека ќе ги поскапат цените.
Тоа ќе се случи од 25 април 2025 година. Според најавите, ќе ги зголемат цените на своите производи, како директна последица од новите царински давачки што ги воведоа САД.
Двете компании ги повикаа потрошувачите да купуваат што е можно побрзо, додека цените сѐ уште се на актуелното, поповолно ниво. Во заедничко соопштение истакнаа:
– Поради неодамнешните промени во глобалните трговски правила и тарифи, нашите оперативни трошоци се зголемија. За да продолжиме да нудиме производи што ги сакате, без компромиси во квалитетот, ќе бидеме принудени да ги прилагодиме цените од 25 април.
Поскапувањето доаѓа по потпишувањето на нова наредба од американскиот претседател Доналд Трамп, со која се укинува изземањето од царина за пакети поевтини од 800 долари, кои досега можеа да се увезуваат од Кина и Хонгконг без дополнителни давачки. Наредбата стапува на сила на 2 мај 2025 година.
Овој потег директно го погодува бизнис-моделот на Тему и Шејн, кои се потпираат на брза и евтина испорака.
Овие платформи стекнаа популарност поради ниските цени и широкиот асортиман на производи – од облека и обувки, преку играчки, производи за домот, па сѐ до електроника и паметни телефони.
![]()

