Илјадници верници и посетители од целиот свет со часови стојат во ред пред базиликата Свети Петар, за да му оддадат последна почит на починатиот папа Франциск, вториот ден од јавното изложување на неговото тело, пред погребот кој ќе се одржи за време на викендот.
Според податоците од Ватикан, речиси 20.000 луѓе поминале покрај црвено обрабениот дрвен ковчег во кој почива Аргентинецот во текот на првите неколку часа. Очекувањата се дека таа бројка значително ќе се зголеми до сабота.
Папата Франциск, познат како застапник на сиромашните и маргинализираните, почина во понеделникот на 88-годишна возраст, откако 12 години беше духовен водач на над 1,4 милијарди католици. Почина од мозочен удар, во неговата резиденција во Домот Света Марта, само неколку недели по отпуштањето од болница каде беше хоспитализиран поради обострана воспаление на белите дробови.
Неговото тело е облечено во црвена миса, бела митра и црни чевли, а меѓу прстите држи бројаница. Верниците имаат само неколку секунди за да поминат покрај ковчегот, но многумина го искористија моментот за фотографија или тивка молитва.
„Вреди да се пропуштат други обврски само за да се простам со уште еден Аргентинец, вистински вреден папа,“ изјави Федерико Руда (46), кој гордо го носеше дресот на аргентинската фудбалска репрезентација.
Голема безбедносна операција и светски лидери во Рим
Италијанските власти веќе спроведуваат обемна безбедносна операција, имајќи предвид дека се очекуваат до 170 странски делегации и илјадници посетители. На погребот ќе присуствуваат светски лидери меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, како и британскиот принц Вилијам. Русија ќе биде претставена од министерот за култура.
Погребната церемонија ќе се одржи пред базиликата Свети Петар, додека ковчегот потоа ќе биде пренесен во омилената црква на папата – базиликата Света Марија Велика. Според неговата последна волја, ќе биде погребан во едноставна гробница, со само еден збор како обележје – Franciscus.
Следува избор на нов папа
По погребот, фокусот ќе се пренасочи кон следниот чекор – изборот на наследник на папата Франциск. Конклавата ќе започне меѓу 15 и 20 дена по неговата смрт, а право на глас ќе имаат само кардиналите под 80 години, кои се околу 135 на број.
Традиционалните девет дена жалост („novemdiales“) ќе започнат во сабота и ќе траат до 4 мај.
Иако се очекуваше објава на точниот датум на конклавата, Ватикан соопшти дека моментално целото внимание останува насочено кон погребната церемонија.
![]()

