Во една од најголемите воздушни пресметки во современата воена историја, Индија и Пакистан неделава воделе жесток воздушен судир во кој учествувале околу 125 борбени авиони од двете страни. Судирот, што траел повеќе од еден час, се одиграл без ни една страна да го напушти сопствениот воздушен простор, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на сопствени извори.
Според изворите, пакистанските сили успеале да соборат пет индиски борбени авиони, иако ниту еден авион не влегол во воздушниот простор на противникот. Напротив, пилотите отворале оган од растојанија поголеми од 160 километри. Индиските воздухопловни сили извршувале повеќекратни дневни налети со цел прецизно да ги погодат зацртаните цели, додека пакистанските власти презеле мерки да ги спречат цивилните жртви.
Судирот се водел од далечина, без премин на граници
Двете држави очигледно биле внимателни да не ја преминат границата, поради траумата од сличен инцидент кој се случи во 2019 година, кога индиски борбен авион беше соборен над пакистанска територија, а заробениот пилот беше јавно прикажан на пакистанската телевизија пред да биде вратен во Индија. Тој настан беше сфатен како сериозно понижување за Индија, а оваа пат ситуацијата како што јавува Си-ен-ен била различна, бидејќи ниту една страна не сакала повторно да биде изложена на такво дипломатско и медиумско понижување.
Пакистан тврди дека соборил индиски „Рафал“ – Индија молчи
Според извештај на Си-ен-ен, неименуван француски разузнавач потврдил дека најмалку еден борбен авион, модел „Рафал“ испорачан од Франција на Индија бил изгубен. „Рафал“, произведен од француска компанија, е најмодерниот ловец во арсеналот на Индиските воздухопловни сили (ИАФ). Иако не е познато колку од вкупно 36-те „Рафал“ авиони учествувале во операцијата „Синдор“, или дали биле изгубени за време на или по интервенцијата, на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) се појавија непроверени фотографии објавени од пропакистански корисници, на кои се гледа речиси недопрена перка од авион со ознаки на индиското воено воздухопловство, што укажува дека станува збор токму за „Рафал“.
Пакистан, преку неколку официјални изјави до 7 мај, објави дека соборил три авиони „Рафал“, еден руски „МиГ-29“ и еден „Су-30МКИ“. Во друг извештај на Си-ен-ен, пакистанскиот министер за одбрана Хаваја Мухамед Асиф изјавил дека пакистанските воздухопловни сили (РАФ) ги погодиле индиските авиони со ракети испукани од значителна дистанца.
Од индиска страна сè уште нема официјална потврда за било каков губиток на летала или воена опрема поврзана со операцијата „Синдор“. Сепак, други објавени фотографии прикажуваат остатоци од кинеска ракета воздух-воздух PL-15, која наводно завршила на индиска територија во регионот Пенџаб. Дополнително, документирани се и остатоци од индиски „МиГ-29“ на околу 90 километри оддалеченост од линијата на разделување меѓу двете држави, што дополнително ја потврдува сликата на воздушна битка водена од големо растојание, надвор од визуелен контакт меѓу пилотите.
Балистички напад и нова ескалација во конфликтот
Во најновата ескалација, Пакистан извршил балистички напад врз аеродромот Амритсар во индиската сојузна држава Пенџаб, објави „Клаш рипорт“. Според повеќе медиумски извештаи, нападот претставува одговор на вчерашната ескалација и зголемена тензија меѓу двете нуклеарно вооружени нации. Пакистанскиот министер за информации Атауллах Тарар изјави дека Индија наводно нападнала цивилни цели, вклучувајќи жени и деца, и предупреди дека секој индиски обид да ја прекине или пренасочи водоснабдителната инфраструктура кон Пакистан ќе биде третиран како акт на војна.
Пакистан објави дека повеќе од 30 лица загинале како резултат на индиските напади. Од индиска страна, пак, беше соопштено дека во пакистанското гранатирање на делот од Кашмир под индиска контрола загинале 12 цивили, а 57 биле повредени. Сето ова наведува дека претстои сериозно ѕвечкање со оружје меѓу двете супер сили.
![]()

