Мицкоски до Филипче: Ќе ја внесеме Македонија во ЕУ, но не како „модерни“ Македонци

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на собраниска седница за пратенички прашања изјави дека владата ќе стори сè за да ја внесе Македонија во ЕУ со македонски идентитет и јазик, а не како „модерни“ Македонци, бидејќи, како што рече, се покажа дека суштината на барањата на Бугарија не е само вклучување на Бугарите во Уставот, туку менување на идентитетот.

Одговарајќи на прашање од Венко Филипче, премиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не одбило учество во 2022 година, туку барало соработка околу Францускиот предлог.

– Немам проблем и 30 заедници да вметнеме во Уставот, но имам проблем да преговарам со некој што нè негира и нè спречува да бидеме тоа што сме. Се сомневам дека тоа не е последна отстапка – рече Мицкоски, и додаде дека Францускиот предлог е единствен во Европа каде што членството зависи од историска комисија.

Тој запраша зошто воопшто се преговарало за јазикот и идентитетот ако, како што вели СДСМ, никој немал право на тоа.

– Зошто сте преговарале ако не сте имале мандат? Тогаш ви реков дека нема да помине вака и предложив две измени – истакна Мицкоски.

Премиерот рече и дека е легитимно Македонците да бидат дел од Министерскиот совет што управува со Комитетот за етнички заедници, во кој ги има Ерменците, Ромите, Турците, Евреите и Власите, но не и Македонците.

Посочи дека во Европскиот парламент сега, за разлика од претходно, трипати се споменуваат македонскиот јазик и идентитет во извештајот на АФЕТ, додека претходно станувало збор за „северномакедонски“.

– Еден европратеник, во име на неколку групи, предложи модификација – да се додаде зборот „модерен“. Тоа е суштината на Францускиот предлог. Ќе направиме сè што е во наша моќ да почнеме преговори, но не како „модерни“ Македонци – заклучи Мицкоски.

Loading