Оваа вест доаѓа по еден бурен и тежок период во животот на поранешниот Вимблдонски шампион.
Легендата на светскиот тенис, Борис Бекер, објави радосна вест: очекува дете со својата сопруга Лилијан де Карваљо Монтеира. За 56-годишниот Бекер ова ќе биде петто дете, а за Лилијан, која е 23 години помлада од него, прво. На социјалните мрежи објави видео на кое се гледа јасно изразениот труднички стомак на неговата сопруга, придружено со емотивна порака:
„Стигнува мало чудо. Најубавото допрва доаѓа.“
View this post on Instagram
Оваа вест доаѓа по еден бурен и тежок период во животот на поранешниот Вимблдонски шампион, кој како 17-годишник стана спортска сензација, а подоцна, синоним за пад од самиот врв. По прогласувањето на личен банкрот, Бекер беше осуден на две и пол години затвор поради прикривање на милионска имотна состојба од британските даночни власти. Зад решетки помина осум месеци, што тој денес го опишува како најтемниот период од животот.
И токму тогаш, кога беше на психичко, физичко и професионално дно, во неговиот живот влезе Лилијан – жена која не само што не се повлече пред тежината на ситуацијата, туку остана покрај него и му даде поддршка кога многумина го напуштија.
„Се чувствував полошо од кога било претходно. Бев сосема уништен“, изјави Бекер во едно интервју, посочувајќи дека токму нејзината лојалност му помогнала повторно да застане на нозе.
По излегувањето од затвор, парот започна нов живот во Милано, а минатата година се венчаа во романтичниот Портофино. Денес, нивната врска, родена во период на хаос, прераснува во стабилна семејна приказна.
Зад Бекер се два пропаднати брака, финансиски и правни скандали и години во кои изгуби речиси сè. Но пред него е живот што добива ново значење, нова шанса и нов почеток со сопруга која остана покрај него кога беше најтешко. Сега, со дете на пат, Борис Бекер повторно гради иднина, овојпат далеку од тениските терени, но можеби поблиску од кога било до мирот што долго го бараше.
![]()

