По повеќенеделниот топлотен бран што ја зафати поголемата територија на Европа, вклучително и Балканот, метеоролозите најавуваат драстична промена на времето.
Атмосферската „топлинска купола“ што го зароби континентот под рекордно високи температури започнува да слабее и ќе биде заменета со значително постудена воздушна маса која се спушта од север.
Според најновите анализи на SevereWeather и други европски метеоролошки сервиси, силен студен фронт ќе се пробие кон централна и јужна Европа, носејќи со себе поројни врнежи, силни грмежи, град, многу силни ветрови и ризик од поплави. Оваа промена следува по историски жежок период во кој бројни земји, вклучувајќи ги Франција, Италија, Германија и Турција, забележаа температури над 40 степени Целзиусови и нови рекорди за јуни и јули.
Во Македонија, по денови со исклучително високи температури кои достигнуваа до 41 степен Целзиусов, метеоролозите најавуваат постепен пад на температурите и зголемување на нестабилноста во атмосферата. Веќе од недела навечер и понеделник се очекуваат локални невремиња со грмежи, краткотрајни поројни врнежи и можен град, особено во западните и југозападните делови на земјата, како и околу Скопје.
Температурата во Македонија ќе се намали за 5 до 10 степени, а до средината на следната недела дневните вредности би се движеле околу 30 до 33 степени, значително посвежо во однос на изминатите денови. Во некои делови се можни интензивни врнежи што може да предизвика локални поплави.
Иако се очекува временската промена да се стабилизира кон средината на следната недела, глобалните модели веќе предупредуваат на нов можен топлотен бран кон крајот на јули. Сето ова е во согласност со трендот на сè почести и поекстремни временски појави како резултат на климатските промени.
![]()

