Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ своето учество на овогодишниот УС Опен го заврши во полуфиналето, каде беше поразен од младиот Шпанец Карлос Алкараз со 6:4, 7:6 (4), 6:2 на „Артур Еш“.
Иако прикажа неколку блескави потези и успеа да се одржи во вториот сет, разликата во темпото и свежината меѓу него и ривалот беше очигледна. Со тоа уште еднаш се потврди дека новата генерација – Алкараз и Јаник Синер – претставува најголемиот предизвик за најтрофејниот тенисер во историјата.
„Правам сè што е во моја моќ, но многу е тешко да се победат. Синер и Алкараз се речиси непремостлива пречка. Во мечеви на три сета сè уште можам да се носам, но во овие на пет е многу потешко. Тие едноставно играат врвен тенис“, изјави Ѓоковиќ по дуелот.
Тој објасни дека останал без енергија по вториот сет:
„Не можев повеќе да го следам неговото темпо. Јас бев исцрпен, а тој продолжи со истата брзина и интензитет.“
И покрај поразот, Ѓоковиќ најави дека ќе се обиде и следната сезона да настапи на сите четири Грен слема, но ќе ја преиспита стратегијата на прескокнување други турнири за да биде подобро подготвен.
„Сè уште уживам во натпреварувањата. Поддршката што ја добивам од публиката е неверојатна и сум бескрајно благодарен за тоа. Тоа ми е една од најголемите мотивации да продолжам. Љубовта што ја чувствувам насекаде во светот е нешто што ме исполнува“, заклучи српскиот ас.
![]()

