Светот го поздрави овој потег – Израел го одобри договорот за ослободување на заложниците во Газа

Владата на Израел го одобри договорот според кој Хамас ќе ги ослободи сите преостанати заложници што ги држи во Газа, во замена за повеќе од 2.000 затвореници — уште еден значаен чекор кон исполнување на условите од мировниот договор и ставање крај на крвавиот конфликт меѓу двете страни.

Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави на „Икс“ (X) дека владата го одобрила рамковниот договор според кој ќе бидат ослободени сите заложници, вклучително и посмртните останки на загинатите.

Џеред Кушнер, зетот на американски претседател Доналд Трамп, присуствувал на состанокот заедно со специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, а нивното присуство имало за цел да обезбеди поддршка и да спречи евентуални несогласувања кои би можеле да го попречат планот на Нетанјаху за одобрување на договорот. Со овој потег се отвора патот заложниците да бидат ослободени во следните три дена.

Во видеообраќање од состанокот, Нетанјаху изјави дека сака „лично да им се заблагодари“ на двајцата.

„Сведоци сме на историски развој во изминатите две години“, рече Нетанјаху. „Во текот на овие две години се боревме за да ги постигнеме целите на војната, а една од нашите клучни цели беше ослободувањето на сите заложници, живи и мртви. И сега сме на прагот да го постигнеме тоа.“

Потегот во голема мера беше очекуван, но претставува завршница на првата фаза од договорот, откако главниот преговарач на Хамас претходно во текот на денот објави дека групата која има поддршка од Иран се согласила да стави крај на војната што ја опустоши Газа, остави десетици илјади мртви и ја дестабилизираше состојбата на Блискиот Исток.

Трамп, чиј план од 20 точки ја претставува основата на договорот, изјави во четвртокот дека ќе отпатува за Израел за лично да присуствува на ослободувањето на заложниците.

Хамас треба да ги врати сите преостанати 48 заложници кои сè уште се држат во Газа, од кои се верува дека 20 се живи. Во замена, Израел треба да ослободи речиси 2.000 затворени Палестинци и да дозволи зголемување на хуманитарната помош за Газа преку агенциите на Обединетите нации и други меѓународни организации.

Предизвиците остануваат. Двајца високи американски функционери, кои разговарале со новинарите, но сакале да останат анонимни, изјавиле дека договорот има две фази, ослободување на заложниците и потоа, како што тие го нарекле, „речиси траен прекин на огнот“, во рамките на кој ќе се решаваат и други прашања, како разоружување, формирање нова влада во Газа и прераспоредување на израелските сили.

Функционерите признале дека постојат многу начини на кои договорот може да се изјалови, но дека Трамп се надева да ја обнови динамиката за проширување на „Аврамовите договори“ (Abraham Accords), потпишани во неговиот прв мандат, со кои неколку земји ги нормализираа односите со Израел.

Loading