ДОБРО УТРО со Аматерката за АДВОКАТОТ чие ЕГО сака публика

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

Адвокатот меѓу правдата и популарноста – Адвокатурата не е реалити, но егото сака публика

Во едно општество во кое јавниот простор станува бучен од ставови, изјави и поткасти, се губи линијата меѓу вистинскиот професионализам и медиумскиот спектакл. Адвокатурата, некогаш симбол на достоинство, мудрост и правна одговорност, сè почесто се претвора во сцена за лична промоција. Денес, се соочуваме со две лица на истата професија: квалитетниот адвокат и адвокатот по професија, но медиумски лик по избор.

Квалитетниот адвокат е тивок градител на доверба. Квалитетниот адвокат не зборува гласно , тој зборува прецизно.
Неговиот фокус не е на камерите, туку на документите.  Не на кликовите, туку на фактите. Тој ја гради својата репутација во судницата, не на социјалните мрежи.
Таквиот адвокат се движи внимателно, знае дека секој збор има тежина и дека правото не трпи спектакл.

Тој го познава законот како архитект што го познава планот на куќата не затоа што сака да се фали со него, туку затоа што знае дека секоја неправилна линија може да го урне целиот систем.
Квалитетниот адвокат ја брани правдата без разлика на тоа дали клиентот е богат или сиромашен, моќен или маргинализиран. Неговиот капитал е довербата, не СЛАВАТА.

Е овој другиот е Адвокатот на поткаст каде  микрофонот му  станува „оружје“. Тој толку многу бара внимание, што дури и тишината би го тужела за вознемирување.

На другата страна стои адвокатот кој ја сфатил медиумската сцена како побрз пат до популарност.
Тој не го гради својот авторитет преку аргументи во судница, туку преку вирусни клипови.
Неговите настапи се мешавина од правен коментар, политичка анализа и јавен линч – најчесто насочен кон политичари или јавни личности, а сè во име на „борбата за вистината“.

Но таа „вистина“ често е измешана со лични интерпретации, емоции и потреба за гледаност.
Адвокатот што станал медиумски лик заборава дека неговата професија бара воздржаност и ИНТЕГРИТЕТ.
Со секое сензационалистичко тврдење, ја разнишува довербата во адвокатурата како институција. Наместо да го брани законот, тој станува обвинител во јавниот суд на социјалните мрежи. И покрај Кодексот за професионална етика на адвокатите кој не дозволува Адвокатот  да се рекламира или да бара личен публицитет на НЕДОСТОЕН начин.

Овие две слики се судираат токму во времето кога општеството има најголема потреба од морални авторитети.
Квалитетниот адвокат верува во правната држава , а медиумскиот адвокат верува во алгоритмот.
Едниот го користи правото за да ја бара вистината, а  другиот ја користи вистината за да го зголеми бројот на прегледи.
Едниот молчи кога не треба да зборува – другиот зборува кога најмногу треба да молчи.

Ама правдата не е содржина за гледаност!

Правдата не е емисија, ниту поткаст. Таа е тивка, бавна и често невидлива работа што бара совест, знаење и интегритет.
Квалитетниот адвокат можеби нема да биде медиумска ѕвезда, но неговата работа ќе остави трага во животите на луѓето што ги бранел.
Адвокатот кој го претвора правото во шоу ќе ја има својата публика  но нема да ја има довербата што се стекнува само со вистинска професионалност.

И токму затоа, во време кога сите зборуваат, највреден станува оној кој знае кога тишината е најгласна форма на вистината.

Loading