Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ одржаа прес-конференција по повод симпозиумот во рамки на кампањата „Ти си редок херој” со заедничка цел да го унапредиме знаењето и практиката во раното препознавање и дијагностицирање на ретките болести.
Ретките болести не се ретки за тие што живеат со нив! Оваа тема е од особена важност, бидејќи матичните лекари, како прва точка на контакт со пациентот, имаат клучна улога за рано откривање и насочување на лицата со сомнеж за ретка болест. Во рамки на Програмата за ретки болести за 2025 година се обезбедени вкупно 58 лека за околу 430 пациенти, меѓу кои и три нови терапии за јувенилен ревматоиден артритис, Фридрајх атаксија и Дравет синдром. Во Регистарот на ретки болести денес се евидентирани повеќе од илјада пациенти, а Министерството останува целосно посветено на унапредување на системот за нивна дијагностика, третман и рехабилитација, истакна на прес-конференцијата министерот Алиу.
Во следниот период Министерството ќе работи на неколку приоритети, меѓу кои, проценка и анализа на достапната опрема за дијагностика на ретките болести во јавните и приватните здравствени установи, ажурирање на листата на лаборатории каде се изведуваат биохемиски и генетски тестови, со посебен фокус на континуирана едукација на докторите, особено на лекарите по семејна медицина и специјалистите, за навремено препознавање, дијагностика и превенција на ретките болести, како и воспоставување јасна патека за движење на пациентите на примарно, секундарно и терциерно ниво, согласно медицина базирана на докази и европските протоколи.
![]()

