Точно во 9.30 денеска почнува најголемото судење во поновата историја на Македонија – процесот за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија што на 16 март 2025 година однесе 63 животи и повреди повеќе од 200 лица. Судницата е под засилени безбедносни протоколи, семејствата на жртвите пристигнуваат за да ја слушнат вистината која ја чекаат скоро девет месеци, а правосудниот систем е исправен пред најтешкиот тест досега.
Обвинителството ќе треба да докаже вина на вкупно 38 обвинети – од институции до поединци – за низа тешки дела против општата сигурност. Според обвинението, трагедијата не била несреќен сплет на околности, туку последица на години игнорирање на законите, погрешни одлуки и системски пропусти. „Пулс“ работел незаконски уште од 2012 година: без минимално-технички услови, со нерегистрирани реконструкции, без соодветна противпожарна заштита и со крајно небезбедни услови за посетителите.
Повеќе детали ќе се разјаснуваат во наредните месеци, но едно е јасно уште денес: ова судење ќе биде пресвртна точка за начинот на кој државата се справува со одговорноста, институционалните пропусти и јавната безбедност.
![]()

