ДУИ во режим на ПРЕЖИВУВАЊЕ: радикални резови, РАСПАД на коалицијата и ново опозициско престројување!

ДУИ најавува длабоки кадровски реформи, Села излегува од коалицијата – „бројките остануваат исти“, порача Беџети

Пратеникот од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Блерим Беџети, најави сериозни кадровски промени во врвното партиско раководство, вклучително и во составот на Генералниот совет. Според него, реформите се неопходни и се дел од континуираната практика на партијата.

„Секако дека ќе има промени во раководството. Ако зборуваме за промени на позициите потпретседател, секретар, зборуваме за промени во раководството. Дури ќе има промени и кај членовите на Генералниот совет како највисок орган помеѓу двата Конгреса“, изјави Беџети, нагласувајќи дека ДУИ традиционално прави корекции на секој партиски Конгрес.

Најавата за реформи доаѓа во период на зголемена динамика во албанскиот политички блок, по одлуката на крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села да ја напушти коалицијата НАИ. Беџети вели дека го почитува нивниот чекор и дека ДУИ гледа со разбирање на нивната намера да се фокусираат на зајакнување на сопствената партиска инфраструктура.

„Тоа се нивни легитимни ставови и ние ги поддржуваме ако сакаат да ги зајакнат нивните партиски структури“, рече тој, додавајќи дека средбата меѓу Села и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поминала во коректен дух.

Иако дел од јавноста шпекулираше дека заминувањето на крилото на Села може да ја разниша опозициската архитектура, Беџети уверува дека влијанието врз ДУИ ќе биде минимално.

„Воопшто не сме оштетени. Бројките се уште се исти, само формата на дејствување ќе се промени. Сè додека тие се гласот на граѓаните од кои потекнуваат мандатите, верувам дека тие мандати нема да бидат само декорација“, нагласи пратеникот.

Беџети смета дека соработката со Алијанса за Албанците ќе продолжи, иако во нова форма и од различни позиции: „Тие остануваат во Собранието и продолжуваат да дејствуваат опозициски. Нормално е да имаме комуникација и соработка и во иднина.“

ДУИ, според најавите, веќе ги подготвува кадровските промени што се очекува да бидат официјализирани на следниот партиски состанок, при што останува неизвесно колку длабоко ќе навлезат реформите и дали тие ќе донесат нов баланс на моќ во рамките на партијата.

Loading