
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
Уставна појава по потреба: строгата видливост и удобната невидливост на Добрила Кацарска
Во најновата уставно-судска епизода, Добрила Кацарска уште еднаш се појавува како внимателен чувар на правниот поредок, барем во оној дел во кој таа го чита, го толкува и го интерпретира со својот карактеристичен стил, оној препознатлив спој на висок формализам и уште повисока селективност, кој ѝ обезбедува посебно место во правно-политичкиот театар на државата. Иако никој не може да ѝ го одземе правото на лично убедување, впечатокот што често се создава е дека нејзината правна строгост се активира со прецизност на астрономски феномени: се појавува тогаш кога треба, а исчезнува кога е непријатно да се појави. Тоа, се разбира, не го прави овој феномен помалку интригантен.
Во образложението за поведување постапка за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Кацарска со возвишена воздржаност ги повика најсветлите уставни принципи, еднаквост, правна сигурност, имотно право и како да се наоѓа пред публика што очекува ораториум, а не правна анализа. Но, при сето тоа возвишено рецитирање, не можеше да се забележи нешто што би наликувало на подлабоко навлегување во суштината: дали еднаквиот износ за сите пензионери е навреда за правото, или можеби напор (симболичен, нека биде) да се исправи деценискиот јаз меѓу различните категории пензионери? Одговорот не беше даден, но затоа беше елегантно одминат.
И, како и секогаш кога се јавува овој вид минималистички уставен формализам, човек останува со впечаток дека аргументите се движат со благородна намера да изгледаат убедливо, без притоа да бидат обврзани да бидат и длабоки. Се создава впечаток на текст што повеќе сака да укаже дека нешто „можеби“ е проблем, отколку да докаже дека навистина е. Таа уметност на недореченоста не е секогаш недостаток; понекогаш е стил. Но кога се работи за пензии, човек очекува нешто повеќе од стил.
Притоа, не може да се избегне иронијата што природно се наметнува: истата таа правна строгост, која во овој случај се појави со бистрина достојна за лабораториско стакло, во други предмети знае да се повлече со речиси монашка тишина. Не дека тоа нешто докажува но сугерира. Сугерира дека правната енергија, барем во дел од јавните набљудувања, не секогаш е рамномерно распределена. Некои предмети ја заслужуваат, други не ја добиваат, а третите остануваат во мистериозната зона на „ќе видиме“.
Соодветно на тоа, и оваа постапка, поведена со прецизност достојна за внимателен диригент, остава впечаток дека уставниот резон повеќе се подредува на сценографијата на моментот отколку на универзалноста на принципите. Тоа, се разбира, не мора да биде вистина но е впечаток што упорно се одржува и, што е уште поважно, сам ги наметнува своите прашања.
Во секој случај, останува извесна реторичка раскошност кај Кацарска, која и во оваа прилика умее да го претвори едната половина од уставното прашање во возвишена загриженост, а другата половина онаа непријатната, материјалната, социјалната, да ја смести на елегантна дистанца, како учтиво оддалечен гостин што не е поканет да зборува.
На крајот, човек останува со впечаток дека уставната строгост кај неа е истовремено и висока и ниска, и принципиелна и условна, и непоколеблива и селективна. И токму во таа парадоксална комбинација се наоѓа нејзиниот карактеристичен печат. Секој судија има стил; стилот на Кацарска е да нè потсетува дека правото може да се толкува на многу начини, а најкомотно е кога токму тој начин е избран претходно.
Останува само надежта дека уставната анализа еден ден ќе биде подеднакво длабока колку што е свечена. Дотогаш, ќе ја следиме со доза на восхит, доза на скепса и, се разбира, со неизбежна доза саркастично почитување.
![]()

