СДСМ обвинува: „СВЕДОК НА МИЈАЛКОВ“ бил вториот вработен во фирмата со тендери од 9 милиони евра

СДСМ денеска излезе со нови тврдења поврзани со фирмата која, според нив, за шест месеци добила државни тендери во вредност од речиси девет милиони евра. По објавувањето на првиот вработен, партијата ја открива и втората личност ангажирана во истата компанија.

Според соопштението, станува збор за Глигор Поцев, за кого СДСМ наведува дека бил поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во периодот кога раководеше Сашо Мијалков. Поцев, како што наведува партијата, бил и сведок во судскиот предмет „Тврдина – Таргет“, кој се однесуваше на уништувањето на опремата за масовно следење.

СДСМ прашува како е возможно, како што велат, лица кои имале улога во разузнавачките структури и биле поврзани со процеси околу уништување на опрема за прислушување, повторно да се појавуваат како дел од фирма што добива повеќемилионски државни договори.

Партијата дополнително посочува дека најновата рамковна спогодба, склучена меѓу Владата и оваа компанија, се однесува на софтверски лиценци за виртуелна платформа.

СДСМ обвинува дека тендерите доделени на фирма основана пред околу една година и со само двајца вработени претставуваат продолжување на, како што наведуваат, „истата матрица“ од времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Од Владата засега нема официјална реакција на овие тврдења.

Loading