Мицкоски категоричен: Трет мандат ми е последен, статутот останува недопрен
Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата 360 степени на МТВ јасно порача дека нема намера да бара измени во партискиот статут кои би му овозможиле четврти мандат на чело на партијата. Според важечкиот статут, едно лице може да биде избирано за партиски лидер најмногу три пати.
Во сабота, 6 декември, во Кавадарци ќе се одржи редовниот изборен конгрес на кој Мицкоски, без противкандидат, речиси сигурно ќе го добие својот трет мандат. Тоа би значело дека неговото лидерство би завршило во 2029 година.
„Ова е мој последен мандат. Додека сум претседател, тој член од статутот нема да се менува. Ниту ќе предложам, ниту ќе поддржам промена. ВМРО-ДПМНЕ ми е како мое дете, но секоја функција има почеток и крај. Честа и достоинството се најважни“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека преку личен пример треба да се покаже дека политичките функции не се доживотни и дека не смее да се „моделира статутот по мерка на поединци“.
Подготовките за конгресот се во завршна фаза, а Мицкоски очекува настанот да биде „празник за партијата“ и пресвртница за периодот што следува. Тој потврди дека нема информации за втор кандидат за партиски лидер.
Лидерот потсети дека ја презел партијата во 2018 година во тежок период, а сега ВМРО–ДПМНЕ е најголема партија и носител на владата. Третиот мандат, како што рече, ќе биде фокусиран на „големи реформи и подобрување на животниот стандард“.
По конгресот, според најавите, ќе следуваат и промени во партиските органи, но деталите ќе бидат утврдени на седница на Централниот комитет.
![]()

