РЕКОРДЕРИ ПО ХАОС : 77 прекршоци во минута – Скопјани разочараа

Во само 24 часа од тестирањето на системот „Safe City“, Скопје докажа дека е вистинска балканска престолнина на брзината. Камерите регистрирале неверојатни 110.000 сообраќајни прекршоци, или по 77 прекршоци во минута – доволно за да помислиме дека градов е тајно домаќин на трка од Формула 1.

Според податоците, околу 90% од прекршоците се за пребрзо возење, што само потврдува дека ограничувањата на брзината кај нас се повеќе како „предлог“ отколку правило. А за „најхрабрите“, над 5.000 возачи решиле дека црвеното светло е само… боја.

Од МВР велат дека системот е во „консолидација“ и дека целосната примена се очекува од 1 јануари. Министерот Панче Тошковски најави и можност за воведување 10% толеранција на брзината, по европски терк – значи, при 50 km/h, казната би стартувала од 56 km/h. Мал утеха за сите кои „малку“ ја прегазуваат педалата.

Толеранција, сепак, нема да има за никого – ниту за службените возила – со исклучок на Брзата помош, Пожарната, Полициските акции и специјалните придружби.

А што со странските возачи? Според законот, на излез не можат да бидат задржани. Но при следниот влез – ако не ја платат казната – ќе ги дочека љубезна забрана. Барем некој ќе мора да се врати по сметката.

Министерот признава дека „Safe City“ не е совршен и дека ќе треба корекции. Со бројки како овие – системот сигурно нема да остане без работа.

Loading