Премиерот Христијан Мицкоски утрово ја откажа својата агенда и нема да присуствува, ниту пак да се обрати, на големиот македонско–српски бизнис форум што денеска се одржува во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Од Владата соопштуваат дека причината е здравствена, без да наведат дополнителни детали.
И покрај неговото отсуство, форумот ќе се одвива според планираната програма. На настанот учествуваат над 200 компании од Северна Македонија и Србија, со повеќе од 300 претставници од приватниот сектор, со цел да се отворат нови економски канали и да се забрза билатералната соработка.
Пред стартот на форумот, во зградата на Владата ќе биде потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете земји. Документот ќе го потпишат заменик-претседателот на македонската Влада и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и српската заменик-претседателка и министерка за економија, Адријана Месаровиќ.
![]()

