Политичари што газат по болка
Постои нешто што секој нормален човек го знае инстинктивно: болката на родител што изгубил дете НЕ СЕ ДОПИРА. НЕ СЕ КОРИСТИ. НЕ СЕ ПРЕТВОРА во материјал за политички настапи. Тоа е свето место, место на ТИШИНА и ПОЧИТ.
Но некои политичари во оваа држава очигледно имаат поинаков морален код — или никаков. Нема да ги именувам, ќе ги препознаете.
Во последниве денови гледаме како истите тие луѓе кои се колнат во правда и хуманост, ја претвораат трагедијата во Кочани во свое приватно игралиште за политичка промоција. Секоја камера им е добредојдена, секоја изјава им е уште еден чекор кон лична видливост. А зад целата таа театралност — празнина. Празнина и студена пресметка.
Нив ги интересира ефектот, не суштината. Гребат по медиумски простор додека родителите гребат по сопствената загуба.
И тоа е најгрозоморната нееднаквост што можеш да ја видиш во политика: едни што се хранат од туѓа болка, и други што се распаѓаат од својата.
Некои политичари денес се обидуваат да се претстават како „гласот на родителите“. Но вистината е дека токму родителите најмалку им требаат политички гласници. Тие имаат свој глас. Болен, треперлив, но вистински. Ним не им требаат спасители со приготвени говори и однапред напишани обвинувања. Им треба мир. Тишина. И институции што работат.
А токму институциите се оние од кои најмногу бегаат оние што најгласно глумат „борци“. Полесно е да се драми пред новинарите отколку да се преземе одговорност. Полесно е да се обвини некој друг отколку да се изгради нешто. Полесно е да се манипулира туѓа трагедија отколку да се носат тешки, но потребни одлуки.
Во оваа земја гледаме премногу политичари кои прво ја бараат камерата, а дури потоа вистината. Прво мислат на насловите, па на луѓето.
И токму затоа јавноста мора да прави разлика: има луѓе што ја бараат правдата — и има луѓе што бараат рејтинг.
Родителите што изгубиле деца не се инструмент. Не се слика за насловна страница. Не се објект преку кој некој ќе се претстави како морална совест на нацијата.
Тие се луѓе што го живеат најстрашното можно. И секој политичар што ќе се обиде да ја закачи нивната болка на своето знаме — засекогаш го губи моралното право да зборува за човечност.
И да, граѓаните гледаат. И паметат. А ќе дојде ден кога и политикава ќе мора да научи дека врз гробови не се гради кариера.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
![]()

