Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостување на телевизија „Сител“ најави дека Скопје би можело повторно да добие Саем, а како дополнителен проект се разгледува и изградба на жичница од болницата во Козле до Средно Водно.
Томовски откри дека веќе се бара соодветна локација за нов скопски саем, а постојат и инвеститори кои се заинтересирани да го изградат и управуваат со објектот. Паралелно, се подготвува постапка за физибилити студија за жичницата, која би можела да стане нова атракција и инфраструктурно олеснување за градот.
Во делот на владините авиони, директорот посочи дека сегашниот „Лирџет“ стар 20 години е прескап за одржување и веќе не ги задоволува потребите на државата. Иако постапката за набавка на нов авион не е покрената, до СОЗР веќе стигнале понуди од заинтересирани компании. Томовски најави формирање работна група за избор на најекономично и најпрактично решение.
Тој се осврна и на измените на регистарските таблички на службените возила, кои од неодамна се во боја. Досега над 3.000 возила ги промениле табличките, а сите останати ќе мора да го сторат тоа при следната регистрација.
Во однос на прекршоците, Томовски објасни дека казните најпрво пристигнуваат во лизинг компаниите кои ги издаваат службените возила, по што се пренасочуваат до СОЗР. Тој најави можни законски измени со кои казните ќе ги плаќаат возачите кои го направиле прекршокот.
Дополнително, постои можност да се воведе и GPS-систем во службените возила, но конечната одлука ќе зависи од резултатите на „Сејф сити“. Томовски смета дека потреба постои и очекува постапката да започне годинава.
Директорот се осврна и на работењето на „македонското село“ во Нерези, истакнувајќи дека објектот конечно функционира и создава приходи по неколкугодишна пауза.
![]()

