По децении чекање, Скопје добива ултрамодерен ЛУНА ПАРК

По долгогодишни одложувања и неисполнети ветувања, денес официјално започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк во Скопје. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи.

Како што наведува Ѓорѓиевски, новиот Луна парк ќе биде ултрамодерен забавен комплекс, изграден според највисоки европски стандарди, со цел да стане еден од најдобрите во регионот. Проектот предвидува изградба на простор од 84.000 квадратни метри, наменет за семејна забава, рекреација и културни настани.

https://www.facebook.com/share/p/17jiBENuBU/

Во Луна паркот ќе бидат поставени ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност, панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и многу други реквизити. Дополнително, ќе има зони за одмор, улична уметност, културни настани и театар со затворена сцена.

Посебен акцент, според најавите, ќе биде ставен на пристапноста за лица со попреченост, како и на безбедноста, со современи системи за видео надзор и прва помош.

„Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток и модерно, гордо и достоинствено Скопје“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека реализацијата на проектот ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот.

Loading