ВМРО-ДПМНЕ со тешки обвинувања кон Оливер Спасовски!

Партијата тврди дека институционална негрижа и задоцнета реакција можеби придонеле за трагедијата со автобусот на „Беса Транс“

ВМРО-ДПМНЕ излезе со сериозни обвинувања на адреса на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, обвинувајќи го за институционална негрижа и непостапување согласно законските обврски, со што, како што велат, била загрозена безбедноста на граѓаните.

Од партијата посочуваат дека за станицата за технички преглед во општина Сарај постоел официјален извештај со утврдени неправилности, но и покрај тоа, министерот не донел решение за одземање на овластувањето во законски предвидениот рок. Според нив, одложувањето траело околу три месеци, период во кој станицата продолжила да работи и остварила незаконски профит од околу 5,5 милиони денари, односно приближно 90 илјади евра.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека пропустот е уште посериозен ако се земе предвид фактот дека автобусот на компанијата „Беса Транс“, кој беше вклучен во тешката сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица, техничкиот преглед го извршил токму во оваа станица во Сарај. Лиценцата на техничкиот центар, според обвинувањата, била одземена дури три дена по трагедијата.

„Дали трагедијата можела да се спречи доколку било постапено навреме? Дали постоел договор со фирмата поради кој била игнорирана законската постапка?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека јавноста има право да ја знае вистината.

Од партијата бараат целосно расчистување на случајот и утврдување на индивидуална одговорност, потенцирајќи дека кога станува збор за човечки животи и јавна безбедност, не смее да има неказнивост.

Loading