Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, за првпат јавно и директно ги демантираше наводите на британските медиуми дека државата би прифатила мигранти на кои им бил одбиен азил во Обединетото Кралство. Во интервју за телевизија Сител, Мицкоски беше дециден – такви тврдења не се точни.
„Не, нема вистина“, изјави премиерот, осврнувајќи се на написите на лондонски „Тајмс“ и други британски медиуми кои шпекулираа за можни мигрантски кампови во Македонија.
Мицкоски остро реагираше и на, како што рече, неодговорното однесување на СДСМ, обвинувајќи ја опозицијата дека намерно ширела страв и паника кај граѓаните преку пренесување на непроверени информации.
Според него, токму претходните влади на СДСМ воделе изразено промигрантска политика, што, како што посочи, е документирано во Националната стратегија од 2017 година. Таа стратегија, според Мицкоски, предвидувала интеграција на мигранти и барање локации во општините за потенцијални кампови и живеалишта за странски државјани.
Премиерот испрати јасна и недвосмислена порака до јавноста дека во моментов не постои, ниту пак ќе постои договор за прифаќање мигранти – без разлика дали станува збор за легални или илегални лица.
„Додека сум јас претседател на Владата, таков договор нема да има“, нагласи Мицкоски, ставајќи крај на шпекулациите кои деновиве ја вознемирија јавноста.
Со оваа изјава, Владата порачува дека Македонија нема намера да стане дестинација за мигранти одбиени од европските земји, а темата, како што најави премиерот, нема простор за политички манипулации.
![]()

