🔴 СДСМ со „НОВО“ раководство: Најголемата „СВЕЖИНА“ се ЖЕРНОВСКИ и ТРЕНЧЕВСКА!

СДСМ „се обнови“: Тренчевска и Трајановски потпретседатели, Филипче најавува храбра борба со „ненародната власт“

Јована Тренчевска и Александар Трајановски се избрани за потпретседатели на СДСМ на вечерашната седница на Централниот одбор на партијата, со што, според раководството, е заокружено „целосно обновеното“ лидерство на Бихаќка. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по завршувањето на седницата информираше дека Александар Димитријевиќ останува генерален секретар, додека Љупчо Фармаковски повторно е избран за организациски секретар – потег што упатува на стабилност, но и на добро познат континуитет.

На истата седница беа избрани и членовите на Извршниот одбор, за кој Филипче рече дека претставува комбинација од млади и искусни кадри што треба да си го пренесуваат знаењето, но и политичките лекции од минатото. Меѓу избраните се Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јован Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ – имиња што за дел од јавноста повеќе асоцираат на познати политички циклуси отколку на радикален пресврт.

Паралелно со ова, формиран е и Советодавен совет на СДСМ, кој ќе го предводи поранешната потпретседателка на партијата Ана Чупевска. Според најавите, советот ќе има задача да привлекува граѓански организации, независни поединци и интелектуалци, кои ги делат вредностите на СДСМ, во рамки на платформата „Нашиот фронт“, за која Филипче најави дека постепено ќе расте и ќе се шири.

Во своето обраќање, претседателот на СДСМ порача дека новиот тим влегува во „храбра и одлучна борба“ против актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која ја обвини за корупција, криминал и изолација на државата од Европа. Филипче нагласи дека СДСМ ќе стави крај и на, како што рече, „предавството на државата преку проектот мигранти за пари“, порачувајќи дека целта е власта повторно да се врати во рацете на граѓаните.

Според претходните најави, Фани Каранфиловска Пановска ќе остане заменик-претседател на партијата, додека нејзината оставка формално треба да ја констатира Конгресот. Со овие избори, од СДСМ тврдат дека партијата добива комплетирано и функционално раководство, подготвено да ги води партиските активности и иницијативи во наредниот период – со надеж дека овој пат обновата нема да остане само на зборови.

Loading