ФИЛИПЧЕ УДРИ ДИРЕКТНО: Власта преку „послаб член“ се обиде да внесе хаос во СДСМ – Шилегов да избере страна!

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше по повикот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, за негова оставка, оценувајќи дека зад ваквиот потег стои власта, која, како што вели, се обидела да внесе немир и раздор во редовите на Социјалдемократскиот сојуз.

Филипче посочи дека не станува збор за личен напад кон него, туку за обид да се нанесе штета на целата партија, во момент кога, според него, СДСМ е под силен притисок од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јавно да се изнесуваат вакви работи во време кога ДПМНЕ нè напаѓа од сите страни со цел да го замолчи нашиот глас на вистината, не е случајно. Тие пронајдоа еден од нас – послаб. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцените, за одвнатре, од самата партија, да внесат немир“, напиша Филипче во објава на Фејсбук.

Лидерот на СДСМ нагласи дека партијата нема намера да се пресметува со Шилегов, туку дека го разбира и е подготвена да му помогне, потенцирајќи дека на него е да одлучи која страна ќе ја избере.

„СДСМ е на страната на правдата. Кој сака – нека се приклучи, кој не може или не сака – нека остане настрана“, порача Филипче.

Во продолжение на објавата, тој тврди дека СДСМ открила, како што ја нарече, „најголемата предавничка операција“ која веќе била потпишана и дека само изборите ја делат од реализација.

„Паниката во редовите на ДПМНЕ е огромна. Не бираат средства – лажни вести, измислени афери и медиумски конструкции се пласираат секојдневно, со единствена цел – да се тргне вниманието од суштината“, додаде Филипче.

Loading