КОЈ ГО ДОБИ ЏЕКПОТОТ? РЕЧИСИ 3 МИЛИОНИ ЕВРА СПОРНИ ТРАНСАКЦИИ ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА

Петрушевски: Бајрами и Груби оставиле речиси 3 милиони евра спорна документација во Државна Лотарија

Скопје – Над 180 милиони денари или речиси 3 милиони евра спорна, невалидна и неуредна документација се оставени во Државна Лотарија од страна на поранешното раководство, обвини денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција.

Според Петрушевски, СДСМ и ДУИ преку своето владеење покажале како се управува со државна институција на криминален начин, при што, како што рече, Бајрами и Груби ја испокрадоа Лотарија, а потоа избегаа, додека СДСМ молчеле за да не се распадне коалицијата.

„Додека едните крадеа, другите мижеа. А во одредени случаи и двете структури крадеа заедно. Таков е и случајот со Државна Лотарија“, истакна Петрушевски.

Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој се наведува дека биле исплаќани аванси за таканаречени „мали добивки“ на деловни соработници во вредност од 14 милиони денари, при што за 13 милиони денари документацијата била неуредна или невалидна.

Дополнително, ДЗР утврдил и спорна документација за 36 милиони денари готовински одливи, како и 7 милиони денари готовински приливи, за кои, според изјави наведени во извештајот, не биле ниту примени ниту вратени аванси.

„Преку увид во трговските книги и анализа на податоците од централниот онлајн систем и платформата за интернет игри, утврдени се и нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во износ од 123 милиони денари“, нагласи Петрушевски.

Според него, сето ова укажува на системски криминал во Државна Лотарија, кој бил премолчено одобруван од СДСМ, со цел зачувување на власта.

„СДС и ДУИ се минато на политичката сцена. Потребни се длабоки реформи, а криминалците мора да одговараат“, порача Петрушевски.

Loading