Координацијата меѓу институциите и јасната распределба на одговорностите се означени како клучни предуслови за успешна реализација на реформската агенда на Владата. На вчерашниот состанок во Владата, премиерот Христијан Мицкоски заедно со ресорните министри ги утврди тековните приоритети и рокови за спроведување на клучните реформи.

Премиерот Мицкоски нагласи дека завршувањето на „домашната задача“ е од суштинско значење за напредокот на државата, особено во делот на европските интеграции, економскиот развој и институционалната ефикасност.
На состанокот се разгледуваше улогата на најважните ресори вклучени во реформската агенда, меѓу кои се надворешните работи, транспортот, европските прашања, енергетиката, финансиите, економијата и дигиталната трансформација. Според Владата, токму овие области претставуваат столб на реформските процеси и ќе имаат директно влијание врз економската стабилност, подобрувањето на јавните услуги и модернизацијата на државата.

Присутни на состанокот беа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, министерките за енергетика и финансии Сања Божиновска и Гордана Димитриеска Кочоска, како и министрите за економија и дигитална трансформација Бесар Дурмиши и Стефан Андоновски.
Од Владата порачуваат дека ваквите редовни состаноци ќе продолжат, со цел навремено следење на реформите, подобра институционална усогласеност и зголемена отчетност. Реформската агенда останува еден од највисоките приоритети на извршната власт, со јасна цел – забрзување на развојот и приближување кон европските стандарди.
![]()

