МИЦКОСКИ СО ИСТОРИСКА ВИЗИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА

Националната развојна стратегија 2024–2044: Заедничка визија за одржлива иднина на државата

Националната развојна стратегија 2024–2044 е стратешки и сеопфатен документ што по првпат на систематски начин ја утврдува долгорочната визија за развојот на државата во наредните дваесет години, истакна премиерот Христијан Мицкоски при отворањето на четвртата седница на Националниот совет за развој.

Премиерот нагласи дека стратегијата е усвоена врз основа на широк општествен и политички консензус, преку инклузивен, транспарентен и темелен процес во кој активно учествуваа државните институции, експертската и академската јавност, бизнис-заедницата, граѓанските организации и граѓаните. Според него, токму ваквиот пристап обезбедува стратегијата да не остане декларативен документ, туку да се претвори во конкретни јавни политики со јасно мерливи резултати.

По нејзиното усвојување, веќе се преземени низа активности за практична имплементација, при што министерствата и другите државни институции добија конкретни задолженија за спроведување на мерките предложени од Работниот комитет. Мицкоски ја поздрави неговата досегашна работа, посочувајќи дека тематските форуми создаваат простор за отворен дијалог и заедничко препознавање на клучните развојни предизвици.

Како дополнителна потврда за постигнатиот консензус, во Собранието е формирана Интерпартиска парламентарна група за следење на напредокот во спроведувањето на стратегијата. Според премиерот, ова претставува силна порака за политичка зрелост, одговорност и подобра координација меѓу законодавната и извршната власт.

Националната развојна стратегија е замислена како „жив документ“, кој континуирано ќе се следи, унапредува и оценува преку воспоставен систем за мониторинг, известување и евалуација. Владата е обврзана најдоцна до март следната година да достави годишен извештај за нејзината реализација.

Крајната цел на стратегијата е обезбедување долгорочен, одржлив и правичен развој, насочен кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, зајакнување на економската стабилност и институционалната сигурност, забрзување на зелената и дигиталната трансформација, демографска ревитализација и континуиран развој на човечкиот капитал.

Loading