Одговорноста почнува таму каде што завршуваат заканите. Политичар што навистина верува во Европа не најавува улица, не се фали со рушење држави и не си доделува историски титули. Тој прифаќа дека власта не му припаѓа по дефиниција и дека институциите не се негова лична сопственост. Секој што ја користи демократијата додека му служи, а ја суспендира кога не му одговара, не ја води државата кон Европа туку ја турка назад, кон логиката на сила, страв и политички рекет. Во тој контекст, изборот е јасен: или политика со одговорност, или јавно признание дека „европскиот пат“ е само параван за зачувување лична моќ.
Кога еден политичар ќе изјави дека „ја уништил Југославија“, дека не претставува „мачки, туку лавови“ и дека никој во државата не знае подобро од него како се прави национализам, тоа не е политичка анализа, туку внимателно режирана самопромоција. А кога таа самопромоција е зачинета со порака дека ако „излезе на улица нема да се врати дома“, тогаш веќе не зборуваме за реторика, туку за класичен уличен ултиматум.
Али Ахмети одамна не се обраќа како лидер на партија, туку како митска фигура што си ја раскажува сопствената легенда. Во таа легенда, тој е и рушител на империја, и чувар на мирот, и последен „капетан“ што ќе го напушти бродот дури кога ќе стигне до „брегот на Европската Унија“. Проблемот е што реалноста не функционира по логиката на политички митови.
Распадот на Југославија не е дело на еден човек, туку резултат на сложен историски процес, со системска криза, националистички елити, војни и меѓународни одлуки. Бадинтеровата комисија уште во 1991 година утврди дека федерацијата е во процес на распаѓање, а подоцна дека тој процес е завршен. Во таа рамка, тврдењето „јас ја уништив Југославија“ не е факт тоа е политичка фигура со една цел: градење авторитет преку претерување и симболичка сила.
Истиот тој Бадинтер, кој во европски контекст служи како правен механизам, денес Ахмети го користи како внатрешнополитичко оружје. Пораката е јасна: нема влада, нема Уставен суд, нема „нормалност“ без негови услови. Тоа не се претставува како пазарење, туку како „вредност“. Но вредност што се активира само кога позицијата е загрозена не е вредност тоа е средство за притисок.
Најопасниот момент во целата оваа реторика е нормализацијата на улицата како политички аргумент. Кога политичар сугерира дека институциите не се доволни и дека конечната одлука се носи со „излегување“, демократијата се сведува на лична храброст и мобилизациски капацитет. Тоа е директен судир со европскиот модел што се повикува само декларативно.
Европа, за разлика од балканската политичка традиција, не се гради со митови, закани и тестирање на мускули. Таа се гради со предвидливи правила, со институции што не зависат од расположението на поединци и со политичари што губењето власт го прифаќаат како дел од играта, а не како повод за ескалација.
Кога ќе се симне целата патетика, останува едно суштинско прашање: дали јавноста гледа лидер што нуди институционална визија, или човек што се обидува личната моќ да ја заштити преку историски мит, националистичка реторика и имплицитни закани? Ако патот кон Европа минува преку улица и ултиматуми, тогаш тоа не е европски пат туку стар, добро познат балкански ќорсокак.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
![]()

